Во третиот квартал вкупниот број на превезени патници во патничкиот патен превоз изнесувал 8.091.000, што претставува намалување за 8,4 проценти во споредба со истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).
Најизразен пад на годишно ниво е евидентиран во градскиот превоз, каде што бројот на патници е намален за 12,1 процент. Во приградскиот превоз е забележано намалување за 5,7 проценти, во меѓународниот превоз падот изнесува 0,8 проценти, додека во меѓуградскиот превоз бројот на превезени патници е помал за 0,5 проценти.
Вкупниот број на остварени патнички километри во третиот квартал достигнал 287.787.000, бележејќи намалување од 1,5 проценти во однос на истиот период лани.
По одделни видови превоз, кај патничките километри е регистриран пад во градскиот превоз за 7,6 проценти и во меѓународниот превоз за 2,4 проценти. Наспроти тоа, зголемување на патничките километри е евидентирано во приградскиот превоз за четири проценти и во меѓуградскиот превоз за 0,1 проценти.

