Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември изнесувала 49.141 денар (околу 799 евра), што претставува зголемување за 8,1 процент во споредба со истиот месец минатата година, објави Државниот завод за статистика.
Годишниот раст на нето-примањата првенствено се должи на зголемувањето на просечната плата во секторите снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 11,6 проценти, административни и помошни услужни дејности за 10,6 проценти, како и во трговијата на големо и мало и поправка на моторни возила и мотоцикли за 10 проценти. На месечно ниво, пак, најголем пораст на нето-платата во однос на август е забележан во рударството и вадењето камен за шест проценти, во преработувачката индустрија за три проценти и во јавната управа и одбраната за 2,5 проценти.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73.940 денари (околу 1.202 евра), бележејќи исто така годишен раст од 8,1 процент во однос на септември лани.
Зголемувањето на бруто-платата на годишно ниво е најизразено во дејностите снабдување со вода и управување со отпад за 11,7 проценти, административни и помошни услужни дејности за 10,7 проценти и транспорт и складирање за 10,4 проценти. Во однос на претходниот месец, раст на бруто-примањата е евидентиран во рударството и вадењето камен за 6,1 проценти, во преработувачката индустрија за три проценти и во јавната управа и одбраната за 2,6 проценти.

