ЦАРИНАТА СО РЕКОРДНИ РЕЗУЛТАТИ: Наплатата од тутун зголемена за 11 милиони евра, спречени осум обиди за шверц

ЦАРИНАТА СО РЕКОРДНИ РЕЗУЛТАТИ: Наплатата од тутун зголемена за 11 милиони евра, спречени осум обиди за шверц

Царинската управа бележи значителен раст на приходите и успешна борба против нелегалната трговија во првиот квартал од годинава. Според најновите податоци, наплатата на приходи од увоз на тутун и тутунски производи е зголемена за 11 милиони евра во споредба со истиот период минатата година.

Во првите три месеци од 2026 година, во државниот Буџет по основ на увоз на тутун се слеале вкупно 2,82 милијарди денари, односно 45,7 милиони евра. Овој сериозен раст ја потврдува ефикасноста на контролните механизми и зголемената дисциплина при увозот на овие стоки.

Паралелно со зголемената наплата, инспекторите на Царината реализирале осум успешни акции за спречување шверц во кои се запленети над еден милион парчиња цигари и околу 226 килограми разновидни тутунски производи како сецкан тутун, тутун за наргиле и никотински ќесички. Како резултат на овие активности, Одделението за истраги поведе предистражни постапки во четири случаи, при што се поднесени кривични пријави против четири физички и едно правно лице.

По повод 34-годишнината од формирањето на Царинската управа, директорот Бобан Николовски порача дека институцијата има одговорност да обезбеди сигурност и предвидливост за компаниите кои работат законски. Тој потенцираше дека законот мора да важи подеднакво за сите учесници во царинските постапки, вклучувајќи ги транспортерите, увозниците и застапниците.

Според Николовски, крајната цел на Управата е да се достигне степен на професионализам каде проблемите ќе се предвидуваат и анулираат пред да се случат, со што ќе се заштити државниот буџет и ќе се овозможи развој на здрава економија без простор за нелојална конкуренција.

Асоцијација (15 април 2026)