Владата ги ограничи маржите на ѓубривата за заштита на земјоделците и стабилизација на пазарот

Владата ги ограничи маржите на ѓубривата за заштита на земјоделците и стабилизација на пазарот

Со цел да се спречи неконтролираниот раст на цените и да се заштити домашното земјоделско производство, Владата на денешната 166-та седница донесе две клучни одлуки за ограничување на профитните маржи на вештачките ѓубрива. Како што информираше министерот Цветан Трипуновски, овие мерки стапуваат на сила веднаш и ќе се применуваат до 31 мај 2026 година, со цел да се обезбеди достапност на ресурсите во еден од најважните периоди за земјоделските активности.

Според првата одлука, највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива во трговијата на големо и на мало се ограничува на 5 проценти. За органските и органо-минералните ѓубрива, како и за биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, маржата е утврдена до 10 проценти во двете фази од трговскиот ланец. Мерката ги опфаќа сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија со овие производи.

Дополнително, Владата воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот за да се спречат вештачки недостатоци. Трговците на мало се должни месечно да продаваат најмалку 70 проценти од просечната количина што ја набавиле во тековната година, додека трговците на големо имаат обврска со ист процент да ги снабдуваат малопродажните објекти.

Втората одлука предвидува корекција на цените на постојните залихи, при што продавачите се должни да ја намалат продажната цена за 10 проценти за сите количини набавени по старите, повисоки цени.

Овие мерки се донесени по консултации со увозниците и детални анализи на Државниот пазарен инспекторат, со кои беше констатиран значителен раст на цените кој вршеше силен притисок врз трошоците на земјоделците.

Министерот Трипуновски нагласи дека целта е стабилизација на пазарот и намалување на трошоците за производство, најавувајќи дека Владата будно ќе ја следи состојбата и во иднина ќе презема дополнителни чекори за заштита на македонската економија и земјоделство.

Асоцијација (15 април 2026)