Во Крушево започнува реализацијата на инфраструктурен проект за проширување на Центарот за параглајдинг со две нови полетувалишта. Проектот има за цел да го зголеми капацитетот на центарот и да ги подобри условите за организирање меѓународни натпревари и спортски настани.
Првото полетувалиште ќе опфаќа 1.018 метри квадратни терен со висококвалитетна вештачка трева, како и дополнителни 993 метри квадратни површина засеана со природна трева околу теренот. Второто полетувалиште ќе биде со површина од 989 метри квадратни со вештачка трева и уште 510 метри квадратни зелена површина со природна трева. Со тоа, вкупната површина на терените за полетување со вештачка подлога ќе изнесува 2.008 метри квадратни, додека вкупната површина уредена со природна трева ќе достигне 1.503 метри квадратни.
Оваа инвестиција ќе ја подобри безбедноста на пилотите преку намалување на ризиците од нерамен и необработен терен. Новите содржини ќе овозможат технички услови за полетување како за учесниците на официјалните натпревари, така и за слободните параглајдеристи.
Уредувањето на зелените површини со природна трева ќе обезбеди соодветни услови за подготовка и распоредување на параглајдерската опрема, намалувајќи ја можноста за оштетување на крилата и јажињата при движењето на пилотите. Дополнително, на теренот е предвидена соодветна дренажа која ќе спречи појава на кал по атмосферски врнежи.







