Висока бизнис делегација од Индија, составена од претставници на двете најголеми стопански комори во земјата, ASSOCHAM и FICCI, како и од сопственици и директори на водечки индиски компании, денеска ја посети Технолошко-индустриската развојна зона Скопје.
За време на посетата, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, пред индиските бизнисмени ги претстави инвестициските можности што ги нуди Македонија, поволностите за инвестирање во зоните, како и целокупната институционална поддршка што се обезбедува во текот на инвестицискиот процес.
Димовски истакна дека државата претставува стабилна и конкурентна дестинација со стратешка географска положба, квалификувана работна сила и поволна деловна клима, што ја прави атрактивна за компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар.
Членовите на индиската делегација се запознаа со условите за работење и успешните приказни на компаниите кои веќе оперираат во зоните. Во рамки на посетата беше организирана и обиколка низ производствените капацитети на компанијата „Џагатај Кабло“, каде што беа претставени активностите на овој капацитет како позитивен пример за успешна инвестиција во рамки на ТИРЗ.
Оваа посета претставува значаен чекор кон зајакнување на економската соработка со Индија и привлекување нови инвестиции и деловни партнерства со компании од меѓународниот пазар.

