Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје, кој важи за голем и комплексен еколошки капитален проект во државата, се одвива со забрзана динамика и веќе достигна речиси 40 проценти реализација на градежните работи, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Овој сложен зафат опфаќа изградба на околу 60 посебни објекти кои треба трајно да го решат деценискиот проблем со загадувањето на реката Вардар и да обезбедат заштита на животната средина и здравјето на граѓаните во главниот град.
Како што истакна Ѓорѓиевски, по првичниот застој кој беше предизвикан од нерасчистени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, процеси за експропријација на земјиште и доцнење во исплатите кон изведувачот, теренските активности сега се целосно усогласени со предвидениот работен план.
Според официјалниот договор склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје и изведувачот, комплетното завршување на сите градежни активности е предвидено за првата половина на 2028 година. По завршувањето на градбата, ќе следи двогодишен период на пробна работа и тестирање на системот, со што капиталниот објект треба целосно да влезе во редовна функција во првата половина на 2030 година.

