Општина Центар го објави јавниот повик за доделување субвенции на младите жители за полагање возачки испит за „Б“ категорија, со што на подносителите им се обезбедува финансиска поддршка од 10.000 денари.
Оваа мерка е наменета за сите млади жители на општината кои во текот на 2026 година навршуваат 18 и 19 години (родени во 2007 и 2008 година). Право на субвенција имаат и оние кои во 2025 година навршиле 19 години (родени во 2006 година), доколку уплатата за возачкиот испит ја извршиле во текот на изминатата година.
Субвенциите може да се користат исклучиво за посетување настава и полагање во автошколи кои се официјално регистрирани на територијата на Општина Центар.
За остварување на правото, младите треба да достават барање за субвенција, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и доказ за извршена уплата и потврда дека автошколата е регистрирана на подрачјето на општината. Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар (Барака бр. 6) секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот, по што подносителите добиваат реден број за редоследот на исплата.

