Авиокомпанијата „Визер“ официјално го стави во функција својот седми авион во базата на Меѓународниот аеродром Скопје. Со овој чекор, скопскиот аеродром прерасна во трета најголема база на оваа авиокомпанија во Европа, објави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на промоцијата на новиот воздухоплов.
Според Николоски, проширувањето на флотата во Скопје е огромно достигнување за македонскиот авиосообраќај, со оглед на тоа што ретко кој национален авиопревозник во регионот се фали со ваков капацитет. Тој истакна дека според бројките и мрежата на дестинации, „Визер“ практично ја врши улогата на национален авиопревозник на државата.
Растот на патничкиот сообраќај е евидентен и во официјалните статистички податоци. Додека во текот на целата мината година со „Визер“ патувале 1.700.000 патници, само во првите шест месеци од 2026 година оваа бројка веќе достигнала 1.200.000 патници. Во истиот полугодишен период, двата македонски аеродроми во Скопје и Охрид заедно преминаа граница од над 2 милиони превезени патници.
Министерот посочи дека доколку порано целта била да се достигнат 2 милиони патници на годишно ниво, со оваа динамика реално остварлива станува бројката од дури 4 милиони патници годишно. Во склоп на ова проширување, неделава се отворија и две нови авиолинии од Скопје за Алгеро и Палермо во Италија, како и новите рути од Вроцлав и Катовице кон Охридскиот аеродром.

