Поранешниот премиер Никола Груевски објави дека се израдувал на веста за три компании, привлечени за време на неговиот мандат, најавиле нови проширувања во Македонија. Во својата објава, Груевски ја истакна американската корпорација „Амфенол“, како и компаниите „Гентерм“ од САД и турската „Чагатај Кабло“, како доказ за успешната економска стратегија на неговата влада.
Груевски ја поздрави веста за проширувањето на американската компанија „Амфенол“ во Кочани, која во моментов вработува 3.200 лица. Со новата производна хала, која започнува со работа кон крајот на септември, се предвидуваат 200 нови работни места. За следната година, пак, се планира уште еден погон со дополнителни 320 вработени.
Според Груевски, компанијата има потенцијал да достигне и до 5.000 вработени, благодарение на поволната локација за опслужување на европскиот пазар. Тој потсети дека оваа инвестиција, која започна во 2013 година, помогнала да се преполови невработеноста во Кочани од 11.000 лица во 2006 година на околу 5.500 во 2016 година.
Поранешниот премиер истакна дека и други две компании привлечени за време на неговиот мандат најавиле проширување на своите капацитети. Американскиот производител на автомобилски компоненти „Гентерм“ планира нов погон во технолошко-индустриската развојна зона во Прилеп, со што ќе се отворат 300 нови работни места.
И турската компанија „Чагатај Кабло“, производител на кабли за автомобилската индустрија, започна со изградба на нов погон во ТИРЗ Скопје, каде се очекуваат 200 нови вработувања.
Груевски упати критика кон СДСМ, тврдејќи дека прекинот на стратегијата за привлекување странски инвестиции донел голема штета на Македонија и доколку се продолжеше со неговите политики, денес невработеноста би била само 3-4%, што би довело до повисоки плати и подобар животен стандард.