Директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски, и македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, се сретнаа со Матија Шешок, претседател на управниот одбор на „ЕЛКА“. На средбата се разговарало за можноста за изградба на нова фабрика специјализирана за производство на високонапонски и екстремно високонапонски кабли.
Директорот Димовски ги презентирал поволностите што Македонија ги нуди за странски инвестиции, истакнувајќи дека земјата е лидер во регионот според странските директни инвестиции (СДИ). Тој посочи дека Македонија е меѓу првите шест земји во светот по привлекување СДИ, а потенцијалната инвестиција на „ЕЛКА“ би била значајна бидејќи тоа би била нивна прва фабрика надвор од Хрватска.
Претседателот на „ЕЛКА“, Матија Шешок, ја опиша Македонија како стабилен партнер со предвидлива деловна клима.
„Ние сме препознаени како водечки производител на електрични кабли во Централна и Источна Европа. Верувам дека новата потенцијална инвестиција ќе има силно влијание врз технолошкиот и одржлив развој на Македонија, како и врз зголемувањето на извозот“, истакна Шешок.
Компанијата „ЕЛКА“, основана во 1927 година, е дел од групацијата „ИСКРА“ од 2021 година. Нивната фабрика во Загреб зафаќа површина од 88.000 м² и има годишен капацитет од 25.000 тони готови производи.