По препораките од Министерството за здравство и извештајот од Институтот за јавно здравје поврзани со појавата на западнонилска треска, Општина Кисела Вода започна со спроведување дополнителни превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Покрај редовното и вонредното прскање против комарци во сите мапирани жаришта, локалната самоуправа привремено ќе исклучи од функција неколку јавни фонтани и чешми.
Од општината појаснуваат дека поради високите летни температури, задржувањето на стоечка вода на овие локации создава идеален ризик за дополнително размножување на комарците кои го пренесуваат овој вирус.
Со цел да се спречи создавањето нови жаришта, привремено надвор од функција ќе бидат фонтаната во Паркот на бранителите во населбата Драчево, фонтаната во паркот на сретсело во селото Драчево, како и фонтаната во паркот „Шопен“ во населбата 11 Октомври.
Покрај фонтаните, привремено се исклучуваат и неколку јавни чешми лоцирани на повеќе места низ територијата на целата општина.
Општина Кисела Вода информира дека континуирано ја следи состојбата на теренот во целосна координација со сите надлежни здравствени институции.Локалните власти порачуваат дека сите чекори се преземаат во насока на зачувување на јавното здравје и дека ќе се постапува исклучиво согласно понатамошните препораки од експертите.

