Јавното претпријатие Национален парк „Пелистер“ објави нови фотографии од теренскиот мониторинг, каде што по долг период на интензивно следење за првпат е регистрирана дивокоза. Од паркот информираат дека како резултат на засилените активности и присуството на ренџерската служба, дивите животни сè почесто се забележуваат во зоните на строга заштита и активно управување.
Фотозамките поставени на планината овозможуваат континуиран увид во бројноста, движењето, здравствената состојба на дивечот и нивната улога во природниот синџир на исхрана.
Покрај дивокозата (Rupicapra rupicapra), чие појавување е од исклучително значење за биодиверзитетот на Пелистер, фотозамките забележаа и други животински видови во нивното природно живеалиште.
На дел од снимките е регистриран волк (Canis lupus) во улога на предатор кој се движи со својот плен - срндач (Capreolus capreolus). Исто така, забележана е и група диви свињи (Sus scrofa), што е карактеристично однесување за овој вид на Баба Планина.
На објавените фотографии е уловена и дива мачка (Felis silvestris). Од Националниот парк Пелистер појаснуваат дека посетителите честопати ја мешаат дивата мачка со балканскиот рис, иако таа има свои специфични карактеристики и значително се разликува од рисот.

