Инспекциските служби на Општина Центар ги интензивираа контролите на терен, со посебен фокус врз почитувањето на комуналниот ред за време на вечерните часови, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
Во текот на изминатата недела, општинските инспектори изрекоа санкции за шест градилишта на територијата на општината. Градежните субјекти се казнети со парична глоба во износ од по 1.300 евра поради прекршување на Законот за јавна чистота и нарушување на комуналниот ред.
Покрај санкциите на градилиштата, инспекциските екипи спроведоа акција на три локации каде што беа отстранети бесправно поставени блокатори од јавни површини.
Градоначалникот Герасимовски упати директен апел до сите инвеститори и изведувачи на градежни работи доследно да ги почитуваат сите законски обврски и да не ги загрозуваат или узурпираат пешачките патеки, тротоарите и улиците.
Тој потенцираше дека општинските инспекциски служби ќе продолжат со редовните и вонредните контроли и дека нема да има толеранција за бесправното узурпирање на јавниот простор во Центар.

