Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потекло со QR-код

Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потекло со QR-код
Сподели:

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја заокружува клучната институционална фаза за заштита, контрола и меѓународна афирмација на македонскиот рубин. На денешната прес-конференција, министерката Сања Божиновска, заедно со претставници од Геолошкиот завод и Државниот завод за индустриска сопственост, го презентираше новиот систем кој ќе обезбеди правна гаранција, сертификација и спречување на злоупотребите на овој уникатен природен ресурс.

Процесот започна во 2025 година, а по изработката на посебниот Елаборат, Државниот завод за индустриска сопственост на 17 јуни 2026 година донесе решение со кое географскиот назив „Македонски рубин“ беше официјално заштитен. Овој специфичен полускапоцен камен од природен корунд е директно поврзан со прилепските доломитски и калцитско-доломитски мермери.

За практично спроведување на заштитата е формирана посебна Комисија за контрола на квалитетот и посебните својства на производот. Комисијата е предводена од Анета Ристовска, а во нејзиниот состав влегуваат и Кика Шпритова, Мице Тркалески, Филип Јованоски и Деан Шкартов.

Новиот систем предвидува воспоставување јавен регистар на сите лиценцирани правни и физички лица кои се занимаваат со вадење, обработка и продажба на рубинот. Секој автентичен производ ќе поседува сертификат со QR-код, чија изработка е планирана до крајот на октомври. Преку скенирање на кодот, купувачите и туристите ќе добијат директна институционална гаранција за потеклото и квалитетот на каменот.

Паралелно со домашната регулатива, Државниот завод за индустриска сопственост достави иницијатива до Владата за пристапување кон Женевскиот акт на Лисабонскиот договор. Овој чекор ќе овозможи географската ознака „Македонски рубин“ да добие меѓународна заштита и препознатливост на глобалниот пазар.

Прашањата поврзани со заштитата и прометот на македонскиот рубин ќе бидат соодветно инкорпорирани и во новиот Закон за рударство кој е во фаза на изработка. Како дел од промотивните активности, во просториите на Министерството е отворена и мини-галерија посветена на минералните богатства, реализирана во соработка со невладината организација „Откритие“.