Царинската управа заплени цигари, ветеринарни препарати, брендирана облека и девизи

Царинската управа заплени цигари, ветеринарни препарати, брендирана облека и девизи

Мобилни екипи на царинската управа во изминатите денови спречија низа прекршочни дела на граничните премини и во внатрешноста на државата, при што е запленета разновидна стока, девизи и документи. Во акциите се откриени и спречени обиди за шверц на цигари, ветеринарни препарати, облека со ознаки на познати брендови, германски регистарски таблички и мигранти.

На граничниот премин Деве Баир, при контрола на автобус на релација Скопје – Истанбул – Скопје, откриен е обид за шверц на 160 штеки цигари, кои биле сокриени во делови за вентилација, под седиштата и во багажот. Цигарите биле во сопственост на возачот, македонски државјанин, против кого е поведена прекршочна постапка.

Значајна заплена е забележана и на Богородица, каде мобилен тим спречил нелегален внес на 100 килограми ветеринарни препарати и додатоци за исхрана за добиток, за чиј увоз е потребна посебна дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство. Производите биле пронајдени во кабината на камион, а против возачот е поведена постапка.

Исто така, при контрола на стока во Царинската испостава Тетово, откриени се 1.512 метри квадратни теписи кои не биле опфатени со царинските документи.

На граничниот премин Богородица, при контрола на камион со стока од Турција за Косово, запленети се 80 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки, поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост.

На Табановце, при личен претрес на македонски државјанин кој патувал за Берлин, пронајдени се непријавени седум илјади евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени две илјади евра, а останатите се задржани. На истиот премин запленети се и 665 парчиња гел за нокти кои се обидел да ги прошверцува возач на камион.

На граничниот премин Блаце, пак, под седиштата на минибус пронајдени се непријавени очила за сонце со проценета вредност од околу 60.000 денари.

Мобилната служба за скенер на Богородица откри обид за криумчарење на пет мигранти, државјани на Сиера Леоне, Египет и Екваторска Гвинеја, скриени во товарно возило. Лицата се предадени на МВР за понатамошна постапка.

На граничниот премин Блаце, мобилен тим откри три комплети германски регистарски таблички и сообраќајни дозволи скриени во јакните на тројца македонски државјани. Тие се обиделе да воведат возила во слободен промет без плаќање на увозни давачки, а против нив е поведена соодветна постапка.

Царинската управа најави продолжување на засилените контроли со цел спречување на сите облици на нелегална трговија.

Следете ги најновите вести на Viber
Царинската управа заплени цигари, ветеринарни препарати, брендирана облека и девизи