Денеска во раните утрински часови, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север и СВР Скопје спроведоа акција во скопската населба Чаир, при што приведоа шест странски државјани под сомнение за фалсификување службени документи и нелегален престој.
Акцијата е спроведена околу 01:30 часот, кога се лишени од слобода четири лица од Турција – А.З. (30), З.А. (26), Е.С.О. (20) и А.У. (51), како и двајца државјани од Узбекистан – Н.А.Т. (39) и А.Д.М.У. (27).
Претресот, извршен со судска наредба во домот на А.З. на подрачјето на Чаир, бил инициран поради сомневање за сторен прекршок по Законот за странци и член 378 од Кривичниот законик (фалсификување исправа).
При претресот, петмина од затекнатите лица немале дозволи за престој, а биле пронајдени и одземени повеќе предмети за кои постои сомнение дека се користеле за криминални активности: дозволи за престој, пари, печати, лаптоп компјутери и турски патни исправи.
Сите шест лица се задржани во полициска станица. Одделението за прекуграничен криминал и миграции работи на целосно документирање на случајот, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави.