Изградбата на Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост во Кавадарци влегува во својата завршна фаза. Како што соопшти градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, покрај финалните градежни работи на самиот објект, паралелно се интензивираат и активностите за партерно уредување на просторот околу него со цел да се обезбеди пристапна, уредена и функционална средина за сите идни корисници.
Новиот Дневен центар ќе располага со капацитет за згрижување и поддршка на 40 корисници. Вкупната проценета вредност за реализација на овој значаен социјален проект изнесува 40.856.910 денари.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека изградбата на овој социјален комплекс претставува клучен чекор кон создавање поинклузивна заедница во која секој поединец ќе добие соодветна грижа, професионална поддршка и можности за активно вклучување во сите општествени процеси.
Општина Кавадарци продолжува со реализација на проекти со кои се гради локална заедница заснована на еднакви можности, грижа и поддршка за сите категории граѓани.

