Општина Бутел воведува комунални редари кои ќе бидат на терен во две смени

Општина Бутел воведува комунални редари кои ќе бидат на терен во две смени

Општина Бутел воведува служба на комунални редари кои ќе вршат засилени контроли на терен во две смени. Како што објави градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, екипите ќе бидат опремени со службени возила и ќе бидат постојано присутни низ целата територија на општината со цел одржување на комуналниот ред.

Главниот фокус на комуналните редари ќе биде санкционирање на сите видови прекршувања, пред сѐ несовесното фрлање отпад, создавањето диви депонии и оштетувањето на општинскиот и урбаниот имот.

Од општинската администрација порачуваат дека јавниот простор е заедничка сопственост и одговорност на сите жители. Градоначалникот Костовски истакна дека основната цел на овие мерки не е казнување на граѓаните, туку воспоставување системски ред, поголема лична и колективна одговорност, како и доследно почитување на сите правила за користење на сите јавни површини во Бутел.