ССМ: Предлогот за плаќање по час е обид за намалување на работничките плати

ССМ: Предлогот за плаќање по час е обид за намалување на работничките плати

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати остри критики до Сојузот на стопански комори по иницијативата за воведување плаќање по час, оценувајќи дека зад ваквите барања не стои грижа за работниците, туку обид за дополнително намалување на нивните примања.

Од синдикатот истакнуваат дека во период кога фокусот треба да биде ставен врз зголемување на платите, обезбедување достоинствен живот и подобрување на условите за работа, бизнис-секторот постојано бара начини за ревидирање на веќе стекнатите работнички права.

Според ССМ, прекувремената работа и во моментот законски се пресметува и плаќа по час со додаток од 135 проценти за секој одработен час. Сепак, од синдикатот тврдат дека условот за соодветно исплаќање на прекувремените часови честопати се изигрува од страна на работодавачите, со што директно се оштетуваат и работниците и државниот буџет.

Од синдикатот потсетуваат дека моменталната саатница во државата за работниците кои примаат минимална плата изнесува 155 денари во нето-износ. Поради тоа, ССМ смета дека иницијативите како кратењето на празниците или плаќањето по час претставуваат обиди за дефокусирање од клучната тема за раст на примањата, со што на работодавачите им се овозможува да ги задржат најниските плати во регионот.

ССМ апелира до надлежните институции наместо промена на моделот да воведат поефикасни контроли на терен и механизми кои ќе гарантираат дека секој одработен час ќе биде прецизно евидентиран и соодветно платен, а од работодавачите бара доследно почитување на законите и колективните договори.