Започна бербата на маслинки во валандовско Терзели: Порастот на температурите овозможува нови локации за одгледување

Започна бербата на маслинки во валандовско Терзели: Порастот на температурите овозможува нови локации за одгледување

Во месноста Терзели, во валандовскиот регион, официјално започна овогодишната берба на маслинки. На почетокот на бербата присуствуваше Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој истакна дека оваа сѐ уште недоволно застапена земјоделска култура постепено го зазема своето заслужено место во домашното аграрно производство.

Министерот Серафимовски посочи дека климатските промени и порастот на просечните температури отвораат можности за проширување на границите на традиционалното одгледување култури во Македонија. Со соодветна анализа на почвата, пристап до вода и примена на научни сознанија, постои реален простор за тестирање и садење маслинки и на нови локации низ државата.

Воведувањето и ширењето на маслиновите насади носи значаен потенцијал за развој на преработувачката индустрија, пред сѐ преку производство на македонско маслиново масло и производи со јасно дефинирано географско потекло. Според министерот Серафимовски, овој сектор нуди одлична можност за приватни претприемачки иницијативи и дополнителна заработка, со што поголем дел од додадената вредност ќе остане во рамките на домашната економија.

Идниот одржлив развој на македонското земјоделство во услови на глобални климатски промени директно ќе зависи од подготвеноста на земјоделците и институциите да се прилагодуваат и навремено да воведуваат алтернативни култури кои успешно ги поднесуваат новите временски прилики.