Државниот завод за статистика ја објави просечната месечна нето-плата по вработен за септември, која изнесува 45.466 денари и бележи зголемување за 9,3% во однос на истиот месец лани.
Според податоците на ДЗС, зголемување на просечната нето-плата е забележан во Образование за 14,9%, Дејности на здравствена и социјална заштита за 12,6% и Транспорт и складирање за 11,5%.
Анализирано во однос на август, зголемување на просечната нето-плата е забележано во секторите: Преработувачка индустрија за 3,5%, Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување за 1,8% и Рударство и вадење на камен за 1,1%.
Просечната месечна бруто-плата по вработен во септември изнесува 68.392 денари и бележи раст од 9,3% во споредба со истиот месец лани.
Најголем годишен раст на бруто-платата е регистриран во секторите: Образование (15,1%), Дејности на здравствена и социјална заштита (12,8%) и Транспорт и складирање (10,6%).
Во однос на претходниот месец, зголемување на бруто-платата е забележано во Преработувачка индустрија (3,6%), Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување (1,9%) и Рударство и вадење на камен (1,0%).