Министерот Азир Алиу денеска објави дека Министерството за здравство за прв пат започна со детална анализа на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ државата, трансформирајќи ја креацијата на здравствени политики во процес базиран на точни и ажурирани податоци.
Анализата произлезе од институционален процес на вкрстување на податоци добиени од повеќе клучни институции, вклучувајќи ги Централен регистар, Агенцијата за вработување, сите стручни комори (Лекарска, Стоматолошка, Фармацевтска), Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Според добиените податоци, вкупниот број на здравствени установи во државата е 3.779, од кои 2.942 се во мрежата на здравствени установи. Бројот на вработени во јавниот и приватниот сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се вработени во Јавните здравствени установи (ЈЗУ), а 13.847 во приватниот сектор. Во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746, а медицински сестри се 7.003.
Министерот, кој е по професија информатичар, нагласи дека овој процес е воден како инженерски проект на вкрстување на податоци од сите нивоа на здравствена заштита – примарно, секундарно и терциерно – со анализа на дистрибуцијата во сите општини и региони.
Ова е почеток на воспоставување динамичен регистар на работници во здравството кој ќе овозможи податоците да се гледаат во реално време, следејќи го движењето на човечките ресурси од пензионирања до нови вработувања и специјализации.
Како директна придобивка за граѓаните, Алиу посочи дека новите вработувања и зајакнувањето на здравствената заштита, особено во примарното здравство во општините, ќе бидат одговор на конкретни потреби базирани на точни податоци, со што ќе се спречат дисбаланси во бројот на лекари по жител.