ДЗС: Просечната нето-плата во февруари достигна 46.159 денари

ДЗС: Просечната нето-плата во февруари достигна 46.159 денари

Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2026 година изнесува 46.159 денари. Според официјалните податоци, забележан е значителен раст од 7,2% во споредба со истиот месец претходната година.

Овој годишен пораст главно се должи на повисоките примања во секторите за административни и помошни услужни дејности, каде зголемувањето изнесува 12,3%, по што следуваат рударството со раст од 10,6% и секторот за снабдување со вода и управување со отпад со 9,4%.

Од друга страна, статистиката бележи одреден пад на платите во однос на претходниот месец во неколку стопански гранки. Најголемо намалување на просечната нето-плата е евидентирано кај земјоделството, шумарството и рибарството со пад од 5,7%, додека во секторите други услужни дејности и уметност, забава и рекреација, намалувањето изнесува 5,0%, односно 4,6%.

Во истиот период, просечната месечна бруто-плата по вработен изнесуваше 69.371 денар, што претставува годишен раст од 7,3% во споредба со февруари 2025 година. Слично како и кај нето-платата, кај бруто-примањата најголем скок е забележан во административните дејности и рударството. Сепак, во споредба со јануари, кај бруто-платата е забележан пад во секторите транспорт и складирање, како и во уметничките и земјоделските дејности.

Асоцијација (22 април 2026)