Пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно спроведоа акција за контролирано уништување на неексплодирани убојни средства (НУС) на воениот полигон Криволак. Станува збор за вкупно 1.080 парчиња експлозивни направи со тежина меѓу 500 и 600 килограми, кои претходно беа пронајдени на подрачјето на Битола, главно на локацијата Тумбекафе.
Арсеналот составен од рачни бомби и минофрлачки гранати од 60 милиметри потекнува од Првата светска војна. По преземањето на сите безбедносни мерки и стандардни оперативни процедури, опасните материјали беа транспортирани до полигонот каде стручните тимови го извршија нивното неутрализирање.
Според информациите од ДЗС, процесот се одвива со поставување на точно одредено количество соодветен експлозив, по што направите целосно се уништуваат во рок од десет минути по палењето на фитилот. Од дирекцијата споделија и видеоматеријал снимен од агол на нивните пиротехничари, на кој се прикажани моментите непосредно пред активирањето на контролираната експлозија.







