Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Општинскиот совет, д-р Стојанчо Рамов, и стручните служби од локалната самоуправа, извршија теренски увид во напредокот на градежните активности за изградба на новиот Био пазар.
Овој капитален проект на општината влегува во клучна фаза на реализација, откако претходно во април успешно беше комплетирано поставувањето на подземниот канализациски систем
Вкупната вредност на оваа општинска инвестиција изнесува 26.500.000 денари (плус ДДВ). Проектот има за цел да обезбеди современ, максимално уреден и соодветно сертифициран простор, каде што локалните земјоделци, производителите на органска храна и малите семејни бизниси ќе можат директно, без никакви посредници, да ги пласираат своите производи.
На овој начин се овозможува формирање на фер цени, се зголемува довербата на крајните потрошувачи и директно се влијае врз подобрување на економската состојба во Повардарието. Од локалната самоуправа потенцираат дека со изградбата на овој пазар се инвестира во три клучни столба – здравјето на граѓаните преку достапност до здрава храна, економската моќ на домашните производители и одржливиот развој на Кавадарци.







