Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува значително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во земјава. Одговарајќи на новинарско прашање за глобалните поместувања на пазарот и стабилизацијата на транспортот низ Ормутскиот теснец, Мицкоски посочи дека владините пресметки најавуваат сериозно поевтинување, но дека конечниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според неговите очекувања, цената на бензините би требало да се намали за 2,5 до 3 денари, додека кај дизелот се очекува уште подрастичен пад од околу 7 денари по литар.
Осврнувајќи се на меѓународните пазари и информациите за преминот на 55 трговски бродови низ клучниот теснец, премиерот појасни дека оваа бројка не е драматична бидејќи во минатото таму дневно поминувале и трицифрен број танкери. Тој додаде дека на овие бродови им се потребни од 25 до 35 дена за да стигнат до своите крајни дестинации, поради што ефектите не се видливи веднаш.
Мицкоски прогнозира дека во следниот период цената на нафтата на светските берзи ќе се стабилизира и ќе се движи околу 80 долари за барел, што остава простор за олеснување на трошоците на домашните потрошувачи по објавувањето на официјалните математики на РКЕ.







