Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, денеска изјави дека е извршена времената интервентна санација на оштетениот коловоз на клучките кај Белви и Хиподром, со што е вратена безбедноста во сообраќајот. Санацијата, по налог на ЈПДП, ја изврши Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија Пат“.
Утрово, директорот Трајановски, заедно со градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, и во присуство на заменик директорот на ЈП „Македонија Пат“, Александар Шуковски, и раководителот на одделот за поддршка на директорот, Љуљзим Шаќири, извршија увид на завршените работи.
Времената интервентна санација опфати:
- Санација на најоштетените делови на клучката Белви и на клучката Хиподром.
- На клучката Белви се санирани кракот за исклучок од Скопје кон Илинден и кракот од Белви кон Скопје.
- На клучката Хиподром се санирани делот од коловозот на клучката, кракот за приклучок кон обиколницата од страна на Миладиновци и кракот за исклучок од обиколница кон Куманово.
Вкупно се санирани 21.000 м2 и вградени се 4.500 тони асфалт. Вредност на работите е 57 милиони денари обезбедени во програмата на ЈПДП.
Трајановски најави дека во наредниот период ЈПДП ќе се посвети на проектот за целосна рехабилитација на клучката. За овој проект веќе е даден налог за изработка, а истиот ќе предвидува трајна рехабилитација и санација на целата скопска обиколница, вклучувајќи ги сите исклучувања и вклучувања на неа.