Полициските службеници од граничниот надзор спречија два одделни случаи на криумчарење мигранти, при што од слобода се лишени две лица, а пронајдени се илегални мигранти од Авганистан и Пакистан.
Првиот инцидент бил регистриран вчера во 12:25 часот на улицата „Партизански одреди“ во Гевгелија. Полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го запреле и лишиле од слобода 35-годишниот С.С. од Струмица. Тој управувал патничко возило „Ауди А5“ со кавадаречки регистарски таблички кои ѝ припаѓале на друга кола. При прегледот на возилото биле откриени пет мигранти од Авганистан, а пронајдени се и албански регистарски таблички, сообраќајна дозвола, зелен картон и договор за закуп на рент-а-кар возило. Осомничениот е задржан во полициска станица под сомнение за кривични дела криумчарење мигранти и фалсификување исправа.
Вториот случај започнал вчера попладне околу 17:50 часот на експресниот пат Градско – Прилеп, кога полициски екипи дали знак за запирање на патничко возило „Мерцедес“ со скопски таблички. Возачот ја одбил наредбата, ја зголемил брзината, но кај клучката Крушевица изгубил контрола и удрило во заштитната метална банкина. По сообраќајката, возачот и мигрантите го напуштиле возилото.
Набргу потоа во близина биле пронајдени двајца повредени мигранти од Пакистан, кои по укажаната лекарска помош во болницата во Кавадарци се пренесени во Прифатниот центар во Гази Баба. Утрово околу 01:00 часот, на истата локација било сопрено возило „Фолксваген Голф“ управувано од А.М. (30) од Скопје, во кое како сопатник се наоѓал 34-годишниот И.Н. од селото Крушопек. Поради сомнение за вмешаност во претходниот инцидент, И.Н. е лишен од слобода. По целосно документирање на двата случаи, МВР најави соодветни кривични пријави.

