Царинските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје спречија обид за криумчарење луксузен накит од познатиот бренд „Сваровски“, со вкупна проценета вредност од 333 илјади денари.
Непријавениот накит бил откриен при детална контрола на патничка, македонска државјанка, која во државата пристигнала со авионски лет од Загреб. Во намера да ги избегне увозните давачки, патничката се упатила на зелениот канал, кој е наменет за патници кои немаат стока за пријавување.
Откако царинските службеници ја селектирале за дополнителен преглед, таа изјавила дека со себе не носи ништо што подлежи на царинење. Сепак, при рендгенската контрола и физичкиот преглед на нејзиниот багаж, цариниците пронашле 23 парчиња непријавен накит „Сваровски“.
Царинската управа го предаде случајот на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, од каде што веќе е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, согласно Кривичниот законик.

