На Универзитетската клиника за ортопедија успешно е изведена најсложената трансплантација на коска досега, со што се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се поместуваат границите на современата хирургија.
Хируршкиот тим, предводен од проф. д-р Милан Самарџиски, изведе сложена интервенција на 64-годишен пациент со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница. За време на зафатот, беше извршена ресекција на средишниот дел од бутната коска, по што следеше реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин.
Интервенцијата беше поделена на два дела. Во вториот дел, тим предводен од д-р Томислав Јовановски изведе пластична реконструкција.
Во операцијата учествуваа специјалистите д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезијата беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичарот с. Јована Илиева. Активно придонесоа и инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рентген техничарот Силвана Станковска.
Овој успех потврдува дека македонските хируршки тимови имаат капацитет да изведуваат интервенции од највисок степен на сложеност, со што се гарантира пристап до најнапредна медицинска нега за пациентите во земјата.