Започнува итна санација на хидросистемот „Ѓавато“

Започнува итна санација на хидросистемот „Ѓавато“

Владата започнува со итна санација на хидросистемот „Ѓавато“ со цел да се зголеми дотокот на вода кон Дојранското Езеро. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на денешниот теренски увид, ова е одговор на повеќегодишната негрижа која довела до огромни загуби на вода и ресурси.

„Детектирани се пукнати цевки и неисправни пумпи кои со години функционираат на овој начин, што претставува трошење на ресурси за систем којшто не е функционален“, истакна Мицкоски, потенцирајќи дека и покрај апелите од вработените, претходната влада не презела ништо.

Премиерот најави дека санацијата на дефектите ќе биде завршена во наредните неколку дена, благодарение на соработката со општествено одговорна компанија. Ова ќе го зголеми протокот на вода до резервоарот, од каде потоа ќе се пренасочува кон езерото.

Мицкоски додаде дека од 10 бунарски потопни пумпи, во моментов работат само две, со капацитет од 100 литри во секунда секоја, што е далеку од вкупниот капацитет од 1.000 литри во секунда. Владата планира во најскоро време да оспособи уште најмалку четири, а потоа дополнителни две пумпи, со што ќе се искористи целосниот капацитет на системот.

За да се намалат високите месечни трошоци за електрична енергија, кои достигнуваат 200.000 евра, на земјиштето во сопственост на државата ќе се инсталираат соларни панели и батериски системи со инсталирана моќност од околу 2 мегавати. Ова ќе доведе до драстично намалување на сметките, а заштедените средства ќе се користат за одржување на хидросистемот.

Премиерот нагласи дека системскиот пристап кон овој проблем ќе овозможи не само спас на Дојранското Езеро, туку и поголем пристап до вода за наводнување на земјоделските површини, со што ќе се поддржи домашното производство на храна.

На следната седница на Влада ќе се донесе одлука фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК Битола да демонтира, санира и монтира две од оштетените пумпи. Очекувањата се дека оваа санација ќе биде завршена во рок од десет дена.

„Пристапуваме кон санирање на хидросистемот „Ѓавато“ системски и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален“, заклучи Мицкоски.

Започнува итна санација на хидросистемот „Ѓавато“