Министерството за финансии го донесе Правилникот за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, со што започна практичната примена и дорегулација на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој беше изгласан на крајот на јуни.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека оваа мерка има за цел да овозможи поголема заштита на граѓаните, посилна контрола и поодговорно работење во оваа индустрија преку прецизни правила и критериуми.
Новиот правилник точно ја пропишува потребната документација за потврдување на репутацијата и интегритетот на физичките и правните лица кои поднесуваат барање за добивање лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
При процесот на лиценцирање, детално ќе се проверува дали за апликантите има изречено санкции или забрани за вршење професија, како и претходни забрани за приредување игри на среќа.
Покрај проверката на кадар и сопственици, подзаконскиот акт воспоставува строга контрола врз потеклото на средствата што се вложуваат во основната главнина, а ќе се врши и постојано следење на сите парични текови во овој сектор.
Од Министерството за финансии соопштуваат дека во тек е подготовка и на останатите подзаконски акти кои се неопходни за целосна имплементација на Законот, нагласувајќи дека вистинскиот резултат и заштитата на јавниот интерес доаѓаат преку доследна примена на правилата во пракса.

