Сообраќајот на Граничниот премин Табановце се одвива нормално и без поголеми задржувања, информираат од Министерството за внатрешни работи. Претходниот застој и долгите колони возила беа резултат на спроведувањето на проверките за возилата со странски регистарски таблички кои имаа забележано прекршоци во системот „Безбеден град“.
Со цел надминување на гужвите на границата, Министерството за внатрешни работи ја пушти во употреба новата мобилна апликација „Безбеден град“, која во оваа првична фаза е наменета за странските државјани.
Преку ова дигитално решение, странските возачи можат директно да добијат информации за сите евидентирани сообраќајни прекршоци и издадени платни налози на нивно име. Покрај увидот во прекршоците, апликацијата овозможува и нивно моментално подмирување по електронски пат.
Со автоматизирањето и поедноставувањето на целата процедура за регулирање на глобите, значително е забрзан протокот на возилата, што овозможи да се нормализира состојбата на граничниот премин.

