Општина Карпош најави теренско прскање против комарци во недела, упати апел до граѓаните да не оставаат застоена вода во дворовите

Општина Карпош најави теренско прскање против комарци во недела, упати апел до граѓаните да не оставаат застоена вода во дворовите
Сподели:

Општина Карпош, во соработка со Град Скопје и надлежните здравствени институции, презема серија превентивни мерки за заштита на населението од западнонилска треска. Локалните власти активно ја следат состојбата на теренот со цел навремена превенција и намалување на ризикот од размножување на комарците.

Во рамки на овие активности веќе е спроведено дополнително авионско прскање против ларви од комарци, додека во недела во вечерните часови ќе се реализира и теренска дезинсекција за уништување на возрасните комарци.

Покрај системското прскање, Општина Карпош упати апел до сите жители да внимаваат на своите приватни имоти и да не оставаат застоена вода во дворовите, терасите, саксиите за цвеќе, бурињата или другите отворени садови, бидејќи тие претставуваат идеални жаришта за размножување на комарците.

Исто така, до граѓаните се упатува предупредување да не ги допираат евентуално пронајдените мртви птици со голи раце, туку веднаш да ги пријават на телефонскиот број 070/771-111 кај Агенцијата за храна и ветеринарство.

Сите преземени чекори се дел од пошироката акција на сите скопски општини за зачувување на јавното здравје и одржување на безбеден урбан амбиент за сите жители.