Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули достигна 48.499 денари, додека просечната бруто-плата 72.935 денари, објави Државниот завод за статистика. Во споредба со истиот месец од претходната година, и нето-платата и бруто-платата бележат идентичен годишен раст од 7,1 процент.
Годишното зголемување на просечната нето-плата се должи пред сè на растот на примањата во неколку клучни сектори. Финансиските дејности и дејностите на осигурување бележат скок од 10,7 проценти кај нето-платата, односно 10,8 проценти кај бруто-платата. Секторот за снабдување со вода, управување со отпад и санација на околината бележи зголемување од 10,4 проценти кај нето-платата и 10,5 проценти кај бруто-платата, додека во дејностите во врска со недвижен имот е евидентиран раст од 9,6 проценти кај нето-платата и 9,8 проценти кај бруто-платата.
Во однос на претходниот месец, односно јуни 2026 година, најзабележителен раст на просечната нето-плата по вработен е евидентиран во секторот на стручните, научните и техничките дејности со зголемување од 4,3 проценти кај нето-платата и 4,6 проценти кај бруто-платата. Трговијата на големо и мало заедно со поправката на моторни возила бележи месечен раст од 3,2 проценти кај нето-платата и 2,7 проценти кај бруто-платата, додека во градежништвото е забележан раст од 2,3 проценти кај нето-платата и 2,1 процент кај бруто-платата.

