Запленети лекови, злато и над 100 илјади евра: МВР разби криминална група во Скопје, Тетово и Гевгелија

Запленети лекови, злато и над 100 илјади евра: МВР разби криминална група во Скопје, Тетово и Гевгелија
Сподели:

Под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Единицата за брзо распоредување, спроведоа акција за сузбивање на организирана криминална група.

Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што се лишени од слобода шест лица. При акцијата се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, повеќе мобилни телефони и други предмети.

Единицата за финансиски криминал поднесе кривична пријава против вкупно осум лица. Пријавени се М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, како и турските државјани Б.А.К. (34) и С.С. (42).

Според истрагата, во периодот од 2024 до 2026 година, првопријавениот М.С. организирал шверц, складирање и препродажба на акцизна стока. Групата соработувала со пријавениот царински службеник З.С., кој противправно земал поткуп за да овозможи непречено преминување на цигарите, тутунот, лековите и суплементите преку границата без пријавување и плаќање на царинските давачки, акцизите и ДДВ.

Со овие дејствија е нанесена значителна штета на државниот буџет, а со пуштањето во промет на лекови и суплементи без соодветно одобрение, упатство и рецепт, прекршителите директно го загрозиле здравјето на граѓаните. Лицата се товарат за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои криумчарење, примање и давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари.