Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Македонија преку Mинистерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“.
Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.
Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година. Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.
Овие постигнувања е резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење.
Европската комисија во својата оценка нагласува дека Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди.