Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека вчеравечер, на 21.10.2025 година, полициски службеници од Полициската станица за гранични премини и гранична контрола Дојран спречиле обид за криумчарење мигранти и уапсиле две лица.
Околу 22:10 часот, кај местото викано „Дубрава“, полицијата забележала патничко возило „опел“ со велешки регистарски ознаки, кое превезувало мигранти. Возилото било управувано од 17-годишник од Струмица, а сопатник бил Ф.М. (18) од Богданци.
Возилото е запрено пред Богданци, по што двете лица се лишени од слобода. При службен разговор, тие го признале делото и изјавиле дека превезувале вкупно осум мигранти – шест државјани на Египет и двајца од Сирија.
По преземени мерки, мигрантите се пронајдени и спроведени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. Осомничените Ф.М. и малолетникот се задржани во полициска станица.
МВР најави дека по целосно документирање на случајот, против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава за криумчарење мигранти.