АДИНГ оствари приход од над 9 милиони евра за девет месеци, добивката достигна 1,2 милиони евра

АДИНГ оствари приход од над 9 милиони евра за девет месеци, добивката достигна 1,2 милиони евра

Во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година, АДИНГ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од околу 9,06 милиони евра, што претставува зголемување за 10,4 проценти, односно за над 856 илјади евра во споредба со истиот период минатата година.

Од реализираната продажба, 60,4 проценти се остварени на домашниот пазар, додека 39,6 проценти се приходи од пласман на странски пазари. Во структурата на извозот најголемо учество има пазарот во Србија со 46,4 проценти, по што следуваат Бугарија со 21,7 проценти, Украина со 9,6 проценти, Босна и Херцеговина со 8,8 проценти, Црна Гора со 7,7 проценти, Косово со 3,6 проценти, Грција со 1,6 проценти и Либија со 0,6 проценти.

Движењето на вкупните приходи по квартали покажува остварување од околу 2,1 милион евра во првиот квартал, над 3,55 милиони евра во вториот квартал и околу 3,4 милиони евра во третиот квартал од годината.

Компанијата оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка пред оданочување во износ од над 1,2 милиони евра, што претставува раст од 9 проценти во споредба со минатогодишната добивка од околу 1,1 милион евра. Овој остварен резултат е за дури 106,5 проценти повисок од првично планираната добивка од околу 583,6 илјади евра.

Движењето на финансискиот резултат забележа континуиран раст, започнувајќи со околу 284,7 илјади евра во првиот квартал, зголемувајќи се за дополнителни околу 516,2 илјади евра во вториот квартал, за во третиот квартал да достигне раст од уште околу 404,3 илјади евра.

Вкупните расходи во периодот јануари - септември 2026 година изнесуваат околу 7,58 милиони евра и се повисоки за 6,3 проценти на годишно ниво. По квартали, расходите изнесуваа околу 2 милиони евра во првиот, над 2,8 милиони евра во вториот и околу 2,78 милиони евра во третиот квартал.

Во однос на останатите финансиски показатели, кредитната задолженост е зголемена за околу 206,5 илјади евра, реализирани се капитални инвестиции во износ од околу 305,4 илјади евра, додека залихите на готови производи се намалени за околу 268 илјади евра. Компанијата изврши и исплата на дивиденда во износ од околу 234,9 илјади евра.

Трендот на натфрлање на бизнис-планот продолжи низ сите три квартали од 2026 година, со надминување од 12,7 проценти во првиот, 43,3 проценти во вториот и 44,3 проценти во третиот квартал, потврдувајќи ја силната оперативна стабилност и високата ефективност на компанијата.