Николоски: На Коридорот 10 ќе се гради брза пруга каде патничките возови ќе се движат со брзина од 160 до 200 километри на час

Николоски: На Коридорот 10 ќе се гради брза пруга каде патничките возови ќе се движат со брзина од 160 до 200 километри на час

Паневропските коридори 8 и 10 се од клучно значење за обезбедување на економскиот напредок и за зацврстување на политичката стабилност на Македонија во услови на сложени геополитички случувања. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на своето обраќање на панел-дискусијата организирана од Фондацијата Конрад Аденауер на тема „Стратешка сигурност и стабилност - ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“.

Во својот говор, вицепремиерот Николоски ја нагласи специфичната географска положба на државата и нејзината силна економска поврзаност со Европската Унија. Тој посочи дека 76 проценти од македонскиот извоз е наменет за земјите членки на Унијата, додека 46 проценти од вкупниот увоз доаѓа токму од пазарите на ЕУ, што ја прави модернизацијата на транспортната инфраструктура примарен стратешки приоритет за Владата.

Во делот на Коридорот 10, со поддршка на ЕУ се подготвуваат пет закони за интелигентни транспортни системи и се планира изградба на брза пруга со брзина од 160 до 200 километри на час за патнички и 120 километри на час за карго-сообраќај. На Коридорот 8 активно се градат автопатските делници меѓу Охрид и Кичево, Букојчани, Гостивар и Тетово, додека на источниот крак, по делот од Страцин до Крива Паланка, следи реконструкција на потегот од Страцин до Куманово, односно Романовце.

Паралелно, во соработка со Светска банка и ЕУ се подготвува модернизација и проширување на граничните премини Ќафасан и Деве Баир за поголем проток на стока и патници. На овие коридори се лоцирани и двата аеродрома во државата, за кои Николоски најави дека уште во текот на 2026 година ќе надминат историска бројка од 4 милиони патници, што претставува исклучителен резултат за земја со 1,8 милиони жители.