Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги повика сите заинтересирани квалификувани стручњаци да аплицираат на четирите отворени јавни повици во рамките на подготовката на проектот „Злетовица - продуктивност преку наводнување и обновлива енергија“, кој се реализира со поддршка од Светска банка.
Овој значаен капитален проект предвидува подготовка на инвестиции во наводнувањето и во хидроенергетските капацитети на хидросистемот „Злетовица“, со цел поефикасно користење на водните ресурси, директна поддршка за земјоделството и развој на обновливите извори на енергија во државата.
Отворените позиции ги опфаќаат следните профили со соодветни рокови за поднесување на апликациите:
За позициите локален специјалист за животна средина и социјални аспекти и локален инженер за хидроенергија, рокот за пријавување е до 27 октомври 2026 година, до 12:00 часот. За позициите локален специјалист за наводнување (градежен инженер) и локален хидромашински инженер, кандидатите можат да ги достават своите апликации најдоцна до 30 октомври 2026 година, исто така до 12:00 часот.
Пријавите можат да се достават електронски на мејл-адресата procurement@amp.mk, како и лично или по пошта на адресата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на улица „Ленинова“ број 2 во Скопје, со соодветна назнака за проектот PIREP. Деталните услови, потребните квалификации и критериумите за избор се достапни на официјалната веб-страница на МЗШВ и на специјализираниот портал за набавки.

