Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, и градоначалници од регионот, денеска извршија увид во градежните работи на автопатската делница Кичево-Охрид.
Во фокусот на активностите е решавањето на најкритичните точки преку сложени инженерски зафати за стабилизација на косините и земјиштето кои досега не се применети во овој обем.
Министерот Николоски најави дека на најтешкиот дел од трасата се применуваат иновативни методи кои се изведуваат за првпат во регионот. Тој објасни дека се работи на пробивање на планини каде косините достигнуваат висина од 100 до 200 метри, а земјиштето постојано се спушта кон главната траса.
Вкупно се решаваат 16 косини, а на 14 од нив ќе бидат изградени таканаречени галерии од армиран бетон со кои буквално ќе се зацврсти целата планина за да се овозможи трајна стабилност.
Директорот Коце Трајановски истакна дека на терен веќе се вршат интензивни подготовки за понатамошните градежни активности со цел поголем дел од автопатот да биде функционален и ставен во употреба за полесно патување до Охрид.
На првите две подделници се применуваат заштитни мерки како пошумување, поставување геокомпозитни мрежи и прскање со бетон, додека на петнаесеттиот километар веќе се изведува конкретно решение со галерија. Таму се врши бушење и бетонирање на шипови, како и армирање и оплатирање на столбови и потпорни ѕидови.