Владата не е против зголемување на минималната плата, но тоа мора да биде резултат на социјален дијалог и заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски по седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС).
Според премиерот, Економско-социјалниот совет е клучниот механизам за решавање на економските и социјалните прашања, каде преку партнерство се гради одржлива и правична економија.
Мицкоски нагласи дека целта на Владата е создавање силна економија и достоинствен животен стандард, но предупреди дека растот на платите мора да биде во согласност со реалните економски можности.
„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Но, таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност, постигната врз основа на реалните економски можности. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека одржливо зголемување на примањата не може да се постигне со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со зајакнување на продуктивноста, инвестиции во нови технологии и поддршка на бизнис секторот.