Премиерот Христијан Мицкоски, најави нов голем инвестициски циклус во енергетскиот сектор вреден речиси 100 милиони евра.
Со потпишувањето на договорите за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните, државата го зацврстува патот кон енергетска независност и стабилност.
Вкупната вредност на овие стратешки проекти изнесува 97 милиони евра. Финансиската конструкција е обезбедена преку меѓународните партнери, при што 50 милиони евра од КФВ Банката се наменети за фотонапонската електрана „Битола 3“, додека дополнителни 37 милиони евра за истиот проект се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Преостанатите 10 милиони евра се инвестираат во модернизација на хидропотенцијалите на земјата.
Премиерот Мицкоски истакна дека енергетиката во современиот свет е прашање од суштинско значење за националната безбедност и економската конкурентност. Според него, сопствениот и стабилен енергетски систем е клучен предуслов за отпорност на економски и геополитички предизвици.
Со изградбата на „Битола 3“, државата ќе ја намали зависноста од увоз и ќе се создадат услови за пониски трошоци на долг рок.
Третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните има за цел да ја зголеми ефикасноста и да го продолжи работниот век на овие капацитети.
Овие проекти се очекува да поттикнат дополнителен економски развој преку ангажман на домашната индустрија и отворање нови работни места.