Потпишан договорот за изградба на нова модерна поликлиника во општина Бутел

Потпишан договорот за изградба на нова модерна поликлиника во општина Бутел

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, денеска го потпиша договорот со економскиот оператор за изградба на нова и модерна поликлиника, со што започнува реализацијата на ветената капитална инвестиција за жителите на оваа општина.

Носител на овој мега проект е самата општина Бутел, додека Министерството за здравство ќе учествува како партнер во неговото спроведување. Градоначалникот упати посебна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката на овој значаен проект кој се очекува суштински да ја подобри примарната здравствена заштита во регионот.

Новата поликлиника ќе биде лоцирана на местото на старата амбуланта, согласно Деталниот урбанистички план донесен во февруари 2024 година. Со оваа современа здравствена установа, граѓаните на Бутел ќе добијат пристап до широк спектар на услуги на едно место.

Објектот ќе располага со РТГ кабинет опремен со ехо апарат, сопствена лабораторија и аптека, а за потребите на жителите ќе биде достапен и пункт за итна медицинска помош заедно со ноќна служба.

Изградбата на објектот се очекува да започне наскоро, а градоначалникот Костовски истакна дека со нетрпение го очекува денот на поставување на камен-темелникот. Според него, ова е историски момент кој ќе овозможи подобри услови и квалитетна здравствена заштита во модерна средина, исполнувајќи го долгогодишното ветување дадено пред граѓаните на општина Бутел.

Асоцијација (08 април 2026)