Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Општинскиот совет, д-р Стојанчо Рамов, и стручните служби од локалната самоуправа, извршија теренски увид во градежните активности за изградба на новиот СПА центар во градот.
Овој проект претставува директно проширување на содржините на постојниот затворен базен, со што на граѓаните на Кавадарци и регионот им се нудат нови, современи можности за релаксација, велнес и рекреација.
Новиот спа комплекс се простира на вкупна површина од 240 метри квадратни и ќе биде опремен според сите модерни стандарди за ваков тип објекти. Според проектот, просторот ќе располага со парна бања, финска сауна, џакузи, специјални топли лежалки и клупи за одмор, како и посебен дел со тушеви и соблекувални. Дополнително, во рамките на центарот се градат посебни простории за масажа, предпростор опремен со тоалет и туш наменет за корисниците на масажите, како и неопходните технички простории за одржување на системите.
Изведувач на градежните работи на терен е компанијата „Жикол“, а проектот се очекува значително да ја збогати спортско-рекреативната понуда на општината.







