Штипскиот Безистен, еден од најзначајните споменици на културното наследство во градот изграден кон крајот на XVI или почетокот на XVII век, доби ново амбиентално осветлување со што дополнително се истакнува ова препознатливо историско обележје.
Градоначалникот Иван Јорданов најави дека ова е само дел од поширокиот проект за разубавување и истакнување на културно-историските споменици во Штип. Во следната фаза, соодветно осветлување ќе добијат и Саат-кулата, Султановиот Камен мост на реката Брегалница, како и штипската тврдина Исар.
Со реализацијата на овие активности, најголемите и најпрепознатливи симболи на Штип ќе добијат нов ноќен изглед, што значајно ќе го збогати визуелниот идентитет на градот и ќе придонесе кон подобрување на туристичката понуда.

