Работник со нож им се заканувал на газдите на фирмата за неисплатени дневници

Работник со нож им се заканувал на газдите на фирмата за неисплатени дневници
Сподели:

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 30-годишен маж поради основано сомнение за сторено кривично дело загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, откако со нож нападнал и се заканувал на сопствениците на фирмата во која работел.

Инцидентот се случил на 21 јули во попладневните часови, кога сопружниците со нивниот автомобил излегувале од дворот на фирмата лоцирана во селото Трубарево. Осомничениот им го попречил патот застанувајќи пред возилото со нож во раката, револтиран и барајќи да му бидат исплатени последните заостанати дневници.

Тој агресивно замавнувал со орудието, упатувал навреди и закани кон сопствениците, а потоа со ножот ја исекол левата задна гума од нивниот автомобил. Додека оштетениот сопруг се обидувал да го смири напаѓачот, неговата преплашена сопруга успеала да побегне во блиското казино, од каде веднаш ја повикала полицијата.

По преземените дејствија, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки за претпазливост за осомничениот.

Со предложените мерки се бара забрана за напуштање на неговото живеалиште односно престојувалиште, привремено одземање на патната исправа, како и задолжителна забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетените сопружници.