Запленет златен накит вреден 1,3 милиони денари на Табановце: Поднесена кривична пријава против едно лице

Запленет златен накит вреден 1,3 милиони денари на Табановце: Поднесена кривична пријава против едно лице
Сподели:

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија нов обид за криумчарење скапоцен накит, при што на влез во државата се запленети 348 грама златен накит во вкупна вредност од 1,3 милиони денари.

Криумчарењето било откриено при детална контрола на патничко возило со кое патувале сопружници, македонски државјани кои имаат живеалиште во Белгија. При прегледот на нивниот личен багаж, царинските службеници во чантата на сопатничката пронашле 26 непријавени парчиња златен накит.

По откривањето на случајот, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги веднаш поднесе кривична пријава против патничката за сторено кривично дело криумчарење, согласно Кривичниот законик.

Од Царинската управа информираат дека борбата против нелегалната трговија со благородни метали интензивно продолжува. Од почетокот на годинава, царинските органи успеале да откријат вкупно 13 случаи на криумчарење злато, при што досега се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.